Ако се реши прашањето за името, тогаш антикризната мерка - кратење на пензиите, ќе се одложи за шест месеци подоцна, ова според грчкиот весник „Та неа“ е ветувањето од Берлин до Атина, во разговорите меѓу Германија и Грција за затворање на долгогодишниот спор, но и што грчката страна би добила од тоа.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, весникот повикувајќи се на европски извори, пишува дека веќе изгласаната мерка за кратење на пензиите што треба да стапи во сила од 1 јануари 2019, би се одложила за шест месеци подоцна, како германски „подарок“ до Грција, доколку се постигне договор за името. Нешто што би му одело во прилог на Ципрас и на неговите изборни планови.
- Веродостојни европски извори, пренесувајќи ги за „Та неа“ разговорите што во позадина се водат меѓу Атина и Берлин, ги претставуваат Германците дека му ветиле на Алексис Ципрас размена со силна политичка корист за него и за СИРИЗА, во случај да постигне договор за името на Скопје со неговиот колега Зоран Заев. Станува збор за префрлање за шест месеци подоцна на мерката за кратење на пензиите, пишува весникот и додава дека со тоа владата би можела да земе даде длабок здив и ќе му го отвори патот на Ципрас кон распишување избори во мај 2019.
Текстот во „Та неа“, наиде на бура реакции во Грција, како од опозицијата која ја обвини владата за тајни преговори така и од владата која побара сериозност од Нова демократија.
- Владата треба да им ја каже вистината на Грците: преговара тајно решение на скопското прашање за да добие во замена шестмесечно одложување на кратење на пензиите, што е обврска која самата влада ја презеде со нејзината политика. Да или не? Грците треба да знаат, вели портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки.
Од грчкото МНР за грчката новинска агенција АНА-МПА побарале сериозност од портпаролката на опозициската партија, додека пак од кабинетот на Ципрас велат дека се недостојни за коментирање секојдневните „бедни натписи во медиумите“.