Арсенал загуби од Њукасл со 1:2 во дуел од 34-то коло на англиската Премиер лига, одигран на стадионот „Сент Џејмс Парк“.
Ова е петти по ред пораз за „топџиите“ во гости, што никогаш досега не се случило во историјата на тимот.
Фудбалерите на менаџерот Арсен Венгер повторно покажаа сериозна слабост во одбраната и дозволија пресврт откако поведоа уште на почетокот на натпреварот со гол на Александар Лаказет. Ајосе Перез и Мет Ричи сепак се запишаа на листата на стрелци за домаќините и ја донесоа победата за тимот.
По овој пораз, Арсенал го зазема шестото место на табелата со 54 бодови, два повеќе од тимот на Барнли, со кој се бори за местата кои водат во европските купови.
Њукасл пак е 10-ти со 41 бод и тимот на Рафа Бенитез обезбеди опстанокот во Премиер лигата и за следната сезона.