Нема граници за Вардар ниту пречки што не може да ги мине. Новиот клупски рекорд е четвртата титула во регионалната СЕХА Газпром лига. „Црвено-црните" во финалето на 7. Ф4 турнир го победија ППД Загреб со 26-24 (14-13) и така станаа првиот тим со четири СЕХА титули.

Нашиот клуб е единствен што играл во шест од седумте финални натпревари во СЕХА лигата. Вардар е втор тим што ја одбранил титулата и втор тим што пред домашна публика ја освојува титулата. Сезоната ја завршивме без пораз со само едно реми што никому досега не му успеало.

Конечно ја разбивме и лошата традиција со ППД Загреб. Со хрватскиот тим постојано сме се среќавале на Ф4 турнирите и секогаш кога сме играле за пласман, во финале или во меч за бронза сме губеле. Сега бевме домаќини, фаворити, па иако имавме и дополнителен притисок на плеќите успеавме да се справиме се сиот предизвик, да направиме нов клупски рекорд, да поставиме нови граници што некој во иднина ќе треба да ги надмине.

Имавме и период во кој му дозволивме на противникот дури и да израмни, но никако да се понадева дека може да ни ги расиме сметките и планираната прослава со навивачите. И кога беше најпотребно, пак заигравме одлично и „избегавме" на 25-20 со беше знак дека може да почне прославата, барем на трибините.

Вардар тргна силно и решително уште од самиот почеток, а со по двата гола на Криштопанс и на Циндриќ, а потоа и Борозан „црвено-црните" поведоа со 5-2. Изгледаше како Вардар да нема да има проблеми на натпреварот и конечно ќе го разбие малерот од мечевите за пласман на Ф4 турнирите. Досега на сите полуфинални средби победуваше Вардар, а во финале и меч за бронза подобри биле загребчани.

И така изгледаше во најголем дел од првото полувреме. Вардар ја наметна својата игра, а требаше само уште малку подобро да ги збие своите одбранбени редови. Домагој Павловиќ лесно наоѓаше простор да влезе на шест метри, па иако Арпад Штербик имаше четири одбрани сепак требаше поагресивно да се одбраниме.

Загребчани немаа притисок врз себе бидејќи тие беа аутсајдери и токму поради тоа играа и полесно. Имавме предност и од 3-4 голови постојано како најава за можеби лесна завршница. Во последните минути од првото полувреме ППД Загреб полека ја топеше предноста користејќи ја секоја грешка на Вардар, па заминавме на одмор со предност од 14-13.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2018 20:01