Во кино „Милениум“ утревечер премиерно ќе биде прикажан македонскиот игран филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“.
Новиот филм на Блажевски, со кој ќе биде отворен 21. Скопје филм фестивал, е црна комедија, копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во актерската екипа се и Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија.
Главни протагонисти во филмот се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје, и шимпанзото Коко, жител во градината. Филмот е приказна за бегањето на Коко „од ропство во слобода“ поради што Цобе ќе биде отпуштен со ветување дека ќе го вратат на работа доколку го пронајде и донесе назад избеганиот мајмун...
Се крева голема медиумска врева околу избеганото шимпанзо. Коко станува симбол на отпорот и слободарски стремежи, некој што успеал да излезе од магичниот круг на општата ентропија. Така, спасувачката мисија на Цобе за фаќање на шимпанзото ќе стане и предавничка.
По официјалната премиера, „Година на мајмунот“ од 20 април ќе продолжи да се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал.