Во посета на Пехчевските водопади и највисокиот врв Ченгино Кале, освен делчевските, беровските и бугарските планинари учествуваше и гостин од Франција, кој се знаминава со промоција на планинарскиот туризам и има своја организација во Франција и во повеќе земји во светот. Францискиот љубител на планините Оливие Беф пристигна во Пехчево на покана на делчевските планинари од ПСД „Голак“.
Како што истакна Љупчо Чучуковски, претстедател на ПСД „Голак“ на денешната прес-конференција, на маршот за промоција на Пехчевските водопади и врвот Ченгино Кале на 1.748 метри надморска височина на Малешевските Планини, кој е најисточна точка во Македонија и во поранешна Југославија, како специјален гостин го имале Оливие Беф.
- Наш специјален гостин беше Оливие Беф од Франција, со кој разменуваме искуства за туризамот и одржливиот развој. Јас, како член на Франкофонијата и како професионален планинар го поканив Оливие кој има своја организација во Франција, распространета во повеќе земји во светот и која се занимава со планинскиот туризам, да дојде и во Источна Македонија, за да ги запознае и промовира убавините на овој дел на Македонија. На наше задоволство тој дојде на планинарскиот марш за посета на Малешевските планини. Очекуваме соработката да продолжи и да донесе нов квалитет во планинарскиот туризам во Источна Македонија, рече Чучуковски.
Гостинот од Франција истакна дека за прв пат е во Источна Македонија.
- Јас не го познавам овој дел на Македонија, Малешево, Пијанец, Осогово. Но, ова е апсолутно прекрасно и природно. Многу е чисто што е многу важно, има вода насекаде и тоа за мене е перфектно, кое може да најде примена и во мојата работа.Навистина е прекрасно, рече Беф.
Инаку, на маршот кој беше во должина од 16 километри чествуваа и почесни членови од Бугарија, од градовите Самоков и Пештера, како и планинари од Велес.
Маршот беше во организација на планинарите од ПСД „Голак“ од Делчево и огранокот ПСД „Сосна“ од Берово со почетна точка натуристичкото место Равна Река на 1.030 метри надморска височина, па Пехчевските водопади кои се наоѓаат на 1.200 метри надморска височина и сѐ до врвот Ченгино Кале на 1.748 метри надморска височина.