Традиционален словенечки појадок насловен „Мој појадок!“ организираше денеска Амбасадата на Република Словенија за ученици во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Целта на настанот е да се промовира појадокот како важен оброк во денот кој треба да се состои од здрава и локално произведена храна и да вклучува мед.
Во Словенија ваков настан се одбележува 14 години во основни и средни училишта и градинки затоа што, според амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер, од најрана возраст е значајна едукацијата за важноста на појадокот и тој да биде што е можно поздрав.
-Традиционалниот словенечки појадок се состои од мед, млеко, леб, путер и јаболко - здрави состојки кои треба да бидат произведени блиску до средината во која живееме. Појадокот треба да биде што посвежа храна и да се користи што помалку транспорт и што помалку хемиски средства за конзервирање на храната. Така што, целта е да ги едуцираме децата и младите за важноста на појадокот и да знаат што е здрава храна, како што е медот, да се консумира локално произведена храна и био храна. Втората цел е поддршка на локалните фармери и пчеларите и децата да знаат дека тоа што тие го работат е важно за целото општество, изјави Прескер
Во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје втора година се организира настанот Традиционален словенечки појадок со кој се промовира и здрав начин на живот. Директорот на Нова Иван Новаковски смета дека податоците во нашата земја за прекумерна тежина на деца и млади стануваат загрижувачки и, рече, се одраз на западниот начин на живеење.
-Веќе не сме имуни на тоа што го гледаме на друго место, туку ни се случува и нам, бидејќи имаме брза храна, исклучително процесирана храна и ги немаме навиките што можеби биле застапени - да консумираме свежа храна. Сега веќе од нас се бара, и од возрасните, и од децата, да ги смениме нашите навики и да го немаме проблемот што го имаат западните општества – каде веќе има епидемија на гојазност и на нездраво живеење и станува и здравствен предизвик поради болести како дијабетесот итн., изјави Новаковски.
Додаде дека планираат овој настан да стане традиционален во соработка со Амбасадата на Словенија и дека вакви настани треба да се практикуваат и во други училишта во земјава, затоа што, рече, „децата ќе знаат да направат добар избор за тоа што е добро за нив наспроти тоа што не е добро“.
-Децата не се свесни од каде доаѓа тоа што го консумираат и дека понекогаш храната пропатувала океани за да стигне до нас, а истиот извор на храна го имаме буквално во нашето соседство, додаде Новаковски.
Основци во „Нова“ проследија и презентација како се произведува медот и кои се неговите предности како „храна за мозокот и енергија за телото“, и слушнаа колку се важни пчелите во целиот екосистем. Интерактивната презентацијата ја направи Весна Биљарска која шест години се занимава со пчеларство и производство на мед.
Таа изјави дека децата се многу малку информирани за здравата храна и за медот како намирница која, рече, е многу корисна особено во раната возраст заради развој на децата и нивната способност за учење.
-Како наставник и како родител постојано ја потенцирам потребата од здрава храна, а секако дека медот е меѓу најздравите намирници што постојат на планетава, изјави Биљарска.
Таа посочи и на проблемот со намалено производството во последните години со апел младите да се заинтересират за пчеларството.
-Ако пред педесет години просекот бил околу 60 килограми, сега просекот е паднат на 25, што е огромна разлика. А нашите планински медови, кои се на поголема височина, паѓаат и на 8 килограми на кошница во просек. Тоа е навистина многу малку и затоа во Македонија треба да се поттикне одгледувањето пчели и младите повеќе да се едуцираат и ангажираат во оваа гранка, за да се дојде до „капка мед“ повеќе и да има поголеми количини, рече Биљарска.