Краткиот игран филм „48“ на режисерот Владимир Митревски во продукција на Дрим Фектори, е селектиран на престижниот филмски фестивал во Нешвил, Америка.
Нешвил филм фестивал ги претставува најдобрите филмови од светското кино, американските инди филмови, документарците и бројните кратки програми од светските мајстори, како и дебитанти режисери и филмаџии. Со фестивалскиот статус на квалификација за Оскар, на филмски фестивал во Нешвил се прикажуваат најдобрите наративните и анимирани кратки филмови од светот.
„48” е приказна за млад свештеник кој својот живот го има посветено на црквата давајќи завет за целибат. Неговиот концепт за живот комплетно се менува откако на 48 часа пред крајот на светот, тој решава да му подлегне на искушението кое дотогаш го дефинирало како личност – сексот.
Главната улога во филмот ја толкува Димитрија Доксевски, заедно со Горан Стојановски и Сара Климоска. Филмот се снимаше минатата година во Скопје, а во авторска екипа се директорот на фотографија Наум Доксевски, сценографот Владимир Зафирковски, костимографот Раде Василев, монтажерот Филип Грчевски, дизајнерот на звук Игор Поповски и продуцентот Огнен Антов.
Во моментов Владимир Митревски го подготвува својот дебитантски игран филм „Оливер“, кој е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на Република Македонија.