Легендарниот кошаркар на Сан Антонио спарс, Ману Џинобили, изјави дека одлуката за тоа дали ќе се пензионира ќе ја донесе во текот на следните неколку месеци.
Сан Антонио по четвртиот пораз од Голден стејт вориорс ја завршија сезоната во плејофот, а 40-годишниот Аргентинец ќе има доволно слободно време да размисли за одлуката.
- Постојано размислувам за тоа. Ќе оставам да поминат месец или два, за се да слегне и да видам како ќе се чувствувам. Оваа одлука не зависи од многу фактори, едноставно треба да проценам дали е доста или не, истакна Џинобили.
Аргентинецот во Сан Антонио пристигна во 2002 година и досега има освоено четири шампионски титули (2003, 2005, 2007, 2014) и два пати играше на „Ол стар“ натпреварот.
Со репрезентацијата на Аргентина има златен медал од Олимпијадата во Атина во 2004 година.