Со проекциите на филмовите „Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ вечер ќе заврши 21.издание на Скопје филм фестивал.

Публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Тие беа распоредени во програмите Фокус на француски филм, Програма на авторски филм, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Квир фокус, Кратки филмови, Македонска продукција и Ретроспектива на Алфред Хичкок, а имаше работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии. Селектори на програмите беа Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров.

Годинава имаше две премиери, на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски и на документарниот филм за Шабан Трстена „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи.

Македонската публика имаше прилика да ја види скопската премиера на краткометражниот филм „Види ја ти неа“ што победи на фестивалот Санденс, на режисерот Горан Столевски, како и уште неколку премиери на кратки македонски филмови на режисерите Милиана Ленак, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, Батухан Ибрахим и Ханис Багашов. Беа прикажани и филмовите „Последните камбани“ на Николче Поповски и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш.

Во рамки на годинашново издание се одржаа неколку работилници, промоција на книга. Скопје филм фестивал за својата публика подготви ретроспектива на големиот Алфред Хичкок и беа прикажани филмовите „Туѓинци во возот“, „Ребека“, „Заден прозорец“, „Психо“ и „Птици“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2018 14:04