[photo}

Како од храната која би завршила во корпите за отпадоци да се подготви вкусна супа, ќе можат да видат утре посетителите на настанот што го организираат Слоу фуд Млади - Македонија и #РетвитниOброк под мотото „Да си ги наполниме стомаците, наместо кантите!“.

Станува збор за Ден на диско супа - Македонија кој се одржува по повод „Светскиот ден на диско супа“ што се случува во преку 60 земји од светот, а ги поврзува храната, музиката и хуманоста.

Настанот ќе ги вклучи младите во заедничка акција за подигање на свеста против фрлањето храна.

- Младите активисти заедно со матурантите од средното угостителско училиште ќе подготвуваат супа од намирници кои ќе се обезбедат од донации од маркетите и пазарите, ќе ја делат на случајните минувачи и на бездомниците. Покрај супата, минувачите ќе имаат можност да се забавуваат во ритамот на музиката, вели за МИА координаторот на Слоу фуд Млади Билјана Митреска.


Диско супа - за подигање на свеста против фрлањето храна

Според Шенај Скендеровска од Слоу фуд Млади Македонија, на овој начин се поттикнува младинското активирање и директно се покренуваат прашањата поврзани со системот на храна.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 13:04