Министерството за животна средина веќе презема некои активности во однос на проблемот со депониите со линдан и неговите изомери во ОХИС, наведе Невена Смилевска, програмскиот координатор за клима во „Еко свест“, но, како што посочи таа, за целосно решавање, потребни се големи средства, што се уште не се обезбедени.

На денешната работилница за подобрување на имплементацијата на националната законска рамка за перзистентни органски загадувачи (ПОПс) и намалување или елиминирање на емисиите на ПОПс во животната средина, беше претставена анализа за имплементацијата на националната законска рамка за ПОПс, во која е заклучено дека за сериозните проблеми со нив се преземени некои активности, но допрва треба целосно да бидат решени.

Авторот на анализата Давор Пехчески од „Еко свест“ порача дека емисиите на ненамерно произведени ПОПс, треба да се намалат преку имплементирање на систем за селекција на отпад и имплементација на критериумите за работа на депониите, решавање на проблемот со загревање на домовите со фосилни и несоодветни горива, и да престане одложување на роковите за Интегрираните еколошки дозволи за индустриските капацитети кои мора да ги воведат најдобрите достапни технологии и најдобрите еколошки пракси.

- Сериозниот проблем со постапувањето со отпад од електрична и електронска опрема и возила на крај од животниот век постари од 2004 година, кои содржат неразградливи успорувачи на горење, треба да се подобри преку подобрување на примарната и секундарната селекција на тој отпад и спречување истиот да заврши на депонии, посочи Пехчески.

Тој нагласи дека неопходно е да се зајакнат капацитетите на постоечките релевантни институции и да се воспостави механизам за мониторинг на емисиите, посебно на ненамерно произведените ПОПс, во форма на Национална лабораторија за ПОПс.

Претставници на „Еко свест“ оствариле средби со сите засегнати субјекти и ги информирале за здравствените последиците врз населението на Македонија кои произлегуваат од пролонгирање на отстранувањето на ПОПс.

Од „Еко свест“ наведоа дека националната легислатива е делумно хармонизирана со Стокхолмската конвенција и има изготвена анализа на недостатоци во која се опфатени сите потребни законски измени за целосна хармонизација кои се очекува да бидат подготвени до крајот на мај 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 13:13