Торонто Репторс веќе нема домашна предност во полуфиналната серија на Источната конференција против вицешампионот Кливленд Кавалирс, откако уште во првиот натпревар загубија како домаќини со 113:112 по продолжение. Гостите заостануваа во сите 48 минути и својата прва предност во натпреварот ја имаа дури во продолжението по кош на Кајл Корвер. Сепак, Торонто имаше можност да извлече победа на самиот крај на средбата, но шутот на Фред ВанВлит на 3.4 секунди пред крајот беше непрецизен. Канадскиот тим имаше четири последователни можности да реализира победнички кош и на крајот на регуларното време, откако Леброн Џејмс израмни на 105:105 на половина минута пред крајот, но играчите на Двејн Кејси не беа успешни и при овие обиди. Леброн Џејмс повторно беше најдобар за Кливленд со 26 поени, 13 асистенции и 11 скока - неговиот 21. „трипл-дабл“ во кариерата во плеј-офот. Џеј Ар Смит додаде 20 поени за победниците, а Кајл Корвер заврши со 19. За тимот на Торонто, кој водеше со 8 поени на 8 минути пред крајот на дуелот, најпрецизен беше ДеМар ДеРоузен со 22 поени. Центарот Јонас Валанчиунас заврши со „дабл-дабл“ од 21 поен и 21 скок, а Кајл Лори постигна уште 18 поени. Во другиот натпревар за вечерта, шампионот Голден Стејт го освои и вториот домашен натпревар против Њу Орлеанс Пеликанс по 121:116 во полуфиналето на Западната конференција. Дрејмонд Грин остана на скок од „трипл-дабл“ - 20 поени, 12 асистенции и 9 скокови. Кевин Дурант одигра одлична последна четвртина и заврши со 29 поени. Стеф Кари се врати во игра, со 28 поени, 7 скока и 3 украдени топки. „Дабл-дабл“ за гостите реализираше Ентони Дејвис со 25 поени и 15 скока, додека Ражон Рондо заврши 22 поени и 12 асистенции.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2018 09:00