Над 500 деца од сите основни училишта од главниот град денеска го почнаа викендот на Скопскиот маратон со „Детскиот мини маратон“, испраќајќи порака за создавање училишта без насилство.

Детскиот мини маратон 2018 почна во 10 часот во паркот „Авионче“ во скопската населба Ново Лисиче. Маратонката од Велика Британија Паула Редклиф ќе го означи стартот.

Ова е втора година откако УНИЦЕФ соработува со Унијата на спортови од Скопје кои се организатори на „Виз Ер Скопски маратон“ со цел да ја вклучи пошироката заедница во иницијативи што се важни за здравјето и благосостојбата на децата.

- Занимавањето со спорт е одличен начин да се канализира енергијата и да се зајакнат некои важни доблести кај децата како што се доследноста, соработката, заемната почит, здравиот натпреварувачки дух и самодовербата, изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Според директорот на „Виз Ер Скопски маратон“ Кире Синадиновски спортот има моќ да ги привлече и да ги мотивира луѓето, да го насочи вниманието на важни работи и да ги вклучи сите.

- Тоа е духот и на Детскиот мини маратон – да им се даде на децата можност да учествуваат и да го привлечат вниманието кон работи што им се важни, изјави Синадиновски.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2018 18:04