Триесет и осум годишниот Тим ​​Кејхил има шанса да учествува на четврто Светско првенство, откако беше вклучен во прелиминарниот состав на Австралија за Мундијалот во Русија.

Иако не е во многу добра форма, ветеранот се најде на списокот од 32 играчи на селекторот Берт ван Марвик, кој на 4 јуни ќе треба да одреди група од 23 фудбалери кои ќе патуваат на СП.

Кејхил, кој е водечкиот реализатор на „Кенгурите“, направи извонредна кариера во Англија и во јануари потпиша за кратко со поранешниот тим Милвол, но одигра едвај 63 минути на теренот, во кои не успеа да забележи гол.

- Тој може да направи разлика во натпреварите, а освен тоа нема да му претставува проблем да игра пред 80.000 луѓе, изјави Ван Марвик, со што му даде надежи на Кејхил, дека ќе го земе во својот тим.

Австралија е во прелиминарна група со Франција, Перу и Данска и ќе води цврста битка за да продолжи напред во турнирот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 09:56