Лидерот на италијанската десничарска партија Лига, Матео Салвини денеска изјави дека од претседателот на Италија, Серџо Матарела побарал да му го довери мандатот за формирање нова влада на земјата.

- Верувам дека претседателот ќе ни пружи шанса да обезбедиме мнозинство во Парламентот, изјави Салвини по средбата со Матарела.

Средбата на Салвини со Матарела уследи откако претходно, шефот на државата имаше разговори и со лидерот на италијанското популистичко Движење пет ѕвезди (М5С), Луиџи ди Мајо, кој освои најмногу претеници на изборите одржани на 4 март, на кои ниту една партија или коалиција не обезбеди мнозинство во Парламентот.

Ди Мајо, кој досега инсистираше тој да биде на чело на новата влада, синоќа предложи идниот премиер да го избере Салвини, во обид земјата да излезе од политичкиот ќорсокак кој трае повеќе од два месеци.

- Ако целта е на дело да се спроведе изборната платформа, а пречката е Луиџи ди Мајо како премиер, тогаш велам ајде заедно да избереме премиер, рече Ди Мајо во интервју за државната телевизија РАИ.

Иако е подготвен да ја отстапи функцијата премиер, Ди Мајо нагласи дека и натаму инсистира на тоа Салвини да ја раскине коалицијата со конзервативната партија Форца Италија (ФИ) на поранешниот премиер Силвио Берлускони, кого М5С го смета за симбол на политичка корупција.

- Топката сега е во дворот на десниот центар, истакна Ди Мајо.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 12:19