Во Москва се одржа новата церемонија на инаугурација во Кремљ. Владимир Путин денес по четврти пат беше нејзин главен актер. Во најновата историја на Русија ова е седми по ред ваков настан, а сè започна во 1991 година кога земјата сè уште беше дела од СССР. Борис Елцин положи заклетва кога на 10 јули 1991 година стана претседател на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република. Тоа беше првата ваква церемонија на инаугурација (за советските лидери вакви ритуали не беа организирани). Тогаш Елцин десната рака ја стави на срцето, а не на Уставот, што подоцна стана традиција. Уставот тука стои само како декор.

Младата руска република сè уште го имаше советското знаме со срп и со чекан. Тогаш Советскиот Сојуз сè уште постоеше под раководство на Михаил Горбачов кој му честиташе на Елцин, кој беше негов политички соперник, и го повика да го зачува Сојузот. Од јули до декември, односно до распадот на СССР, двајца претседатели го делеа Кремљ како официјално место на престој.

Велат дека првобитно било планирано церемонијата во 1996 година да се одржи на Кремљовскиот плоштад и дека во позадина требало да се слушаат камбани, но тоа било отфрлено. Церемонијата посветена на враќањето на Елцин на должноста претседател беше скратена поради неговата лоша здравствена состојба. Тој тогаш имаше нов претседателски симбол – златен крст со рускиот грб на златен синџир долг еден метар.

Во 2000 година Владимир Путин го наследи Елцин. Тој не сакаше да носи воочливи украси. Сепак, со оглед на тоа што крстот, синџирот и специјалната копија на Уставот официјално станаа дел од церемонијата на инаугурација во 1996 година, Путин мораше тоа да го прифати. „Чувајте ја Русија„“, му рече Елцин на својот млад наследник.

По повторниот избор на Владимир Путин во 2004 година церемонијата беше двапати покуса од претходната траеше само 25 минути. Според руските функционери, во Големиот кремљовски дворец имало 1.700 високи функционери.

Кога во 2008 година за претседател беше избран дотогашниот премиер Дмитриј Медведев, Владимир Путин се сети на зборовите на Елцин и рече дека грижата за Русија и понатаму е негов највозвишен граѓански долг. Потоа му ја предаде власта на Медведев.

На враќањето на Путин во Кремљ, кога беше повторно избран во 2012 година, му претходеа протести кои дојдоа по парламентарните избори од крајот на 2011 година. Сепак, улиците беа речиси празни кога Путин на 7 мај 2012 година тргна во Кремљ на церемонијата на инаугурација.

Церемонијата на инаугурацијата се одржува во Андреевската сала на Големиот кремљовски дворец. Салата го има добиено називот по најголемото одликување од Руската империја – Орденот на светиот апостол Андреј Првозвани. Преуредена е во советскиот период, но во 1993 година на молба на Елцин беше во целост реставрирана. Во времето на Руската империја оваа сала била користена за свечености, како што е крунисувањето на царевите.

Извор: Руска Реч



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 14:13