Балкан енерџи груп (БЕГ) е во стабилна состојба. Нема промена во сопственичката структура. Останува и во наредната грејна сезона да ја дистрибуира топлинската енергија до потрошувачите во Скопје и уверува дека се подготвени за тоа.
Ова го истакна генералникот директор на БЕГ АД Димитар Кочовски на денешната средба со новинарите по повод пет години Балкан енерџи груп.
- Нема отворена стечајна постапка. Во тек е судска разврска со една компанија која има побарување кое сметаме дека е неосновано и тоа е тековен спор кој е минорен. Далеку е нашата компанија од стечај. Таа е во стабилна состојба и нормално работи. Само се работи за тековен спор кој судски ќе се расчисти, истакна Кочовски.
Тој додаде БЕГ и во наредната година ќе продолжи со дистрибуција на топлинска енергија и оти имаат лиценца за 35 години.
- БЕГ ја подготвува новата грејна сезона и без никакви дилеми ќе има стабилен и сигурен почеток на следната грејна сезона. Корисниците да не стравуваат во тоа. Нашата компанија е и кадровски и финансиски спремна да ја продолжи успешната работа и да ги продолжи подобрувањата, истакна Кочовски.
За цената во наредната сезона не прецизираше дали ќе има промена, појаснувајќи дека податоците се поднесуваат до Регулаторната комисија за енергетика и оти цената се формира врз основа на тарифен систем.
- Цената на парното не зависи само од енергетската ефикасност и трошоците, туку и од цената на берзите, истакна Кочовски додавајќи дека цената во последните пет години како резултат на зголемената енергетска ефикасност, намалените трошоци и ценовната коњуктура на енергенсите кај домаќинствата е намалена за над 30 проценти, кај деловните субјекти за 55 и кај образовните институции за над 65 проценти.
Кочовски посочи дека е запрен трендот на исклучување на коирсниците од мрежата и дека во последните години имаат нови 6.300 приклучени корисници со вкупен капцитет од 50 мегавати.
- Кога почнавме имавме 44.000 корисници, а сега се 51 илјада, рече Кочовски и додаде дека тие имаат капацитет од 800 мегавати, но дека се користат половина и оти се планира проширување на опфатот.
Засега, како што најави, ќе се прошири мрежеата кон населбата Александрија кај Влае и полека ќе се движат кон Ѓорче Петров, а се планира и зголемување на времетраењето на греењето.
Одговрајќи на новинарски прашања за најавите од Град Скопје за преземање дистрибутивната мрежа од БЕГ, рече дека со Град Скопје се во постојана комуникација.