Седумдесет и првиот Меѓународен филмски фестивал во Кан, почнува денеска и ќе биде отворен со филмот „Todos lo saben“ на иранскиот режисер и оскаровец Асгар Фархади, во кој играат Пенелопе Круз, Хавиер Бардем и аргентинскиот глумец Рикардо Дарин.
Филмот е снимен на шпански јазик, и ќе се натпреварува за „Златна палма“ заедно со други 20 филмови.
Претседател на жирито е австралиската актерка Кејт Бланшет. Водител на шоуто на отворањето и затворањето на фестивалот ќе биде францускиот глумец Едуар Баер.
На 9 мај, по повод врачувањето на наградата за посебни заслуги за седмата уметност на американскиот режисер Мартин Скорсезе, ќе биде организиран и „Ден на Скорсезе“, со проекција на филмот „Злобни улици“.
На 12 мај ќе се прикаже и нереставрирана верзија на „2001: Вселенска одисеја" на починатиот американски режисер Стенли Кјубрик. Режисерот Кристофер Нолан, пак, ќе го најави филмот, а на проекцијата ќе присуствуваат и членови на семејството Кјубрик.
За 15 мај е закажана премиерата на засега последниот филм од научнофантастичната сага „Војна на ѕвездите", насловен како „Соло". Режисер на филмот е Рон Хауард.
На 19 мај ќе се одржи свеченоста на доделувањето на наградата „Златна палма“. Ова е листата на филмови кои ќе се натпреваруваат за главната награда:
1. „Livre d’image” на француско-швајцарскиот режисер Жан-Лик Годар,
2. „Lazzaro Felice” на Италијанката Алис Рорвочер, 3. „Zimma Wojna” на Полјакот Павел Павлинковски,
4. „Догман” на Италијанецот Матео Гаронео,
5. „Лето” на рускиот режисер Кирил Серебреников,
6. „En guerre” на Французинот Стефан Бризе,
7. „Les filles du soleil” на Французинката Ив Исон,
8. „Un couteau dans le coeur” на францускиот режисер Жан Гонзалез,
9. „Under the Silver Lake” на Американецот Дејвид Роберт Мичел,
10. „BlacKKKlansman” на Спајк Ли,
11. „Пепелта е најчиста” на кинескиот режисер Џиа Шангке,
12. „Netemo Sametemo” на Јапонецот Ријусуке Амагуши,
13. „Крадци” на Хироказу Коре-Еде,
14. „Buh-Ning” на Јужнокореецот Ли Чанг-Донг,
15. „Три лица“, на иранскиот режисер Џафар Панахи,
16. „Секој знае“ на Иранецот Асгар Фархадиј,
17. „Capharnaum” на Либанката Надин Лабаки,
18. „Yomeddine” на Египќанинот Абу Бакра Шваки,
19. „Ahlat Agasi” на турскиот режисер Нуи Билге Цејлан,
20. „Plaire, aimer et courir vite” на Французинот Кристоф Оноре, и
21. „Ауka” нa Kазахстанeцот Сергеј Дворцевој.
Периодот пред почетокот на фестивалот го проследија неколку контроверзии, како што е откажувањето на присуството на Нетфликс поради новото правило - дека за прикажување на еден филм онлајн, ќе мора да почекаат три години по премиерата в кино.
Фестивалот беше критикуван и поради изоставувањето на „големи режисери“ од конкуренцијата. Тоа, пак, ја отвора вратата за младите филмаџии. Од 21 филм, осум се дела на автори дебитанти, како што се Ив Исон, Павел Павликовски и Казахстанацот Сергеј Дворцевој.
- Ќе видите голема смена на генерации, изјави на прес-конференција уметничкиот директор на фестивалот Тиери Фремо.
Новитет е и тоа што организаторите на фестивалот воспоставија и „жешка линија“ за пријава на сексуално злоставување и вознемирување, што ќе биде и една од темите за дискусија на фестивалот.