Норвешката новинарка Ќерсти Фла неодамна на својот интернет-простор сподели незгодно интервју со американската актерка Ен Хатавеј од 2012 година... Тоа ја поттикна глумицата да ѝ се извини на својата тогашна домаќинка за „страшното интервју“ и непријатностите.
На тоа „неславно“ интервју, Ен говорела за тогаш актуелниот мјузикл „Клетници“ (Les Miserables) со Хју Џекмен, Расел Кроу, Аманда Сејфрид и Еди Редмејн. На почетокот новинарката ѝ вели на глумицата, на шега - „да ги отпеат“ првото прашање и одговорот... Актерката ѝ одговара:
- Па, нема да го правам тоа. Но, ти можеш да пееш, ако сакаш...
Новинарката сепак одлучила „да го разведри“ разговорот... Така, првото прашање гласи: Дали глумицата мисли дека љубовта порано била пострасна и оти луѓето повеќе се жртвувале за љубовта? Ен само одговорила: „Не“.
Потоа прашана дали се сеќава на својата прва љубов, таа повторно вели само: „Не“. Според новинарката, а и многу од нејзините следачи, однесувањето на глумицата било дрско, арогантно и без почит.
По неодамнешната објава, Хатавеј ѝ испратила подолга е-порака, а репортеката била, како што самата вели - прилично шокирана, пренесува „Пејџ сикс“ (Page Six).
- Воопшто не очекував дека ќе ми одговори. Мислев дека (Ен Хатавеј) никогаш нема да го види тоа видео, но го виде и направи нешто прилично неверојатно... Нејзиното извинување беше толку трогателно за мене. Самото тоа што зборувам за ова - речиси ме доведува до солзи. Бев многу благодарна што таа го направи тоа. Тоа беше многу лична порака и решивме да не ја споделуваме како што е. Тоа беше е-пошта, но сакав само да ви кажам што направи таа затоа што мислам дека тоа е неверојатно, рече Фла во своето видео на „Тикток“.
Иако не сподели подробности од пораката на Ен, новинарката додаде дека ѝ одговорила на глумицата и ѝ се заблагодарила за извинувањето, со надеж повторно да разговараат.
- Ѝ реков: „Ако некогаш сакате да седнете и да разговарате за тоа, јас сум тука“. Таа ме покани да ја интервјуирам за нејзиниот следен филм што ќе излезе во мај. Имам многу почит кон луѓето кои ги признаваат своите грешки и се извинуваат за нив. Извинувањето е толку моќно!, истакна Фла.