Македонскиот ракомет во последните години ја доживува својата клупска ренесанса, ракометниот клуб Вардар е европски шампион, женскиот ракометен клуб Вардар веќе петта година по ред е на Ф-4 завршницата од Лигата на шампионите.

Вардарки оваа година сакаат да се збогуваат со клубот како европски шампионки, бидејќи од следната година тимот ќе доживее драстични промени и нема веќе да биде во врвот европскиот ракомет, ќе се насочи кон играње со млади македонски ракометарки.

Реномираниот интернет портал „Handball Planet“ петта година по ред организира избор на најдобра млада ракометарка, а меѓу најдобрите оваа година има и една Македонка, тоа е десното крило на Вардар, Сара Ристовска.

Инаку, Ристовска е дел од бранот ракометарки кои по крајот на оваа сезона го напуштаат клубот, таа од следната сезона се сели во Крим.

Новинари од Норвешка, Унгарија, Белорусија, Србија, Словенија, Аргентина и Русија, чиј сектор е ракометот, номинираа 28 играчи, по четири во секоја позиција, а меѓу нив се најде и нашата репрезентативка.

Ракометарката на ЖРК Вардар ќе се бори во конкуренцијата за најдобро десно крило, заедно со Дијана Ујкиќ (ЖРК Будуќност Подгорица – Црна Гора), Доротиа Фолуеви (ФТЦ – Унгарија) и Доминика Зачова (Баник Мост – Чешка).



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2018 13:39