Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека САД се повлекуваат од меѓународниот нуклеарен договор со цел да го спречат Иран да развие атомска бомба и најави итно повторно воведување на економски санкции кон Техеран.

Петнаесет месеци од стапувањето на власт, 45-от американски претседател одлучи, како што и ветуваше за време на кампањата, САД да се повлечат од договорот, кој во 2015 година го склучи неговиот претходник, демократот Барак Обама по 21 месец напорни преговори.

Трамп не се предомисли ниту по уверувањата од американските сојузници, ниту по анкетите кои покажаа дека мнозинството Американци се за останување во Договорот.

Би-Би-Си наведува дека се можни три причини поради кои Трамп се одлучил на ваков чекор.

1. Уништување на наследството на Барак Обама. Противењето на договорот Трамп честопати го базираше на лични впечатоци. Тој повеќепати се потсмеваше на поранешниот државен секретар Џон Кери, еден од архитектите на договорот. Според некои извештаи, токму настојувањата на Кери во последните денови да дојде до Иранците го поттурнале Трамп кон напуштање на договорот.

- Џон Кери не може да премине преку фактот дека имаше шанса и ја пропушти. Држи се подалеку од преговорите Џон, и наштетуваш на својата земја, напиша Трамп на Твитер.

Исто така, наведува Би-Би-Си, уште од својата инаугурација, Трамп е против постигнувањата на своите претходници, па така ги повлече САД од Транспацифичкото трговско партнерсто, како и од Парискиот договор за ублажување на климатските промени.

2. Вртење кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Кога Трамп се кандидираше не беше толку критичен кон Иран како сега. Неговото префрлање на жестоко спротиставување се случи истовремено со давањето силна поддршка на Нетанјаху.

Откако стана претседател, Трамп почна процес за преместуивање на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, се закани со нови санкции против Палестинците, изнесуваше осуди против иранската Влада и сега го напишти нуклеарниот договор, притоа делумно цитирајќи докази кои му ги претставил Нетанјаху.

3. Нови лица во Администрацијата. За време на своето претседавање, Трамп неколкупати се откажа од повлекување од договорот. Наводно, против отфрлувањето на договорот го советувале поранешниот државен секретар Рекс Тилерсон и министерот за одбрана Џејмс Матис. Но, потоа дојдоа нови луѓе во неговата канцеларија, кои го советувале да излезе од Договорот.

Далекусежни последици

По одлуката на Трамп, Иран сега ништо не го спречува, доколку сака, уште утре да продолжи да ја развива својата воена нуклеарна програма.

Експертите оценуваат дека со вчерашната одлука, Трамп се обидува да го одржи имиџот на некој кој доследно ги исполнува своите ветувања, но со тоа постигнува двоен ефект. На ниво на САД, неговиот кредибилитет ќе се зголеми, но на меѓународно ниво, Трампо не може да се перцепира одвоено од САД, поради што, со одлуката тој го нарушува имиџот на Америка, оценуваат аналитичарите.

Можни се и долгорочни последици, кои првенствено ќе и наштетат на САД, а ќе бидат во корист на Русија и Кина, велат експертите. Потегот веројатно ќе го зајакне т.н. антиамерикански блок земји, односно држави кои го симпатизираат партнерството со Кина и Русија.

Долгорочно, наведуваат експертите, посебно Русија ќе профитира од потегот на Трамп. Русија просперираше на цената на нафтата, кога таа беше на ниво од 100 и повеќе долари за барел, а потоа се сличи пад на четириесетина долари. Сега цените се на ниво од околу 70 долари за барел, а со оглед на тоа дека иранското снабдување на ЕУ со нафта сега ќе биде лимитирано, може да се очекува цените на нафтата да растат и во слендите три години да достигнат цена од 90 или 100 долари за барел. Со оглед на тоа дека гасот и нафтата се клучни ставки во рускиот буџет, тоа ќе значи јакнење на Русија, наведуваат експертите.

За и против

Обединетите нации, ЕУ и потписничките на нуклеарниот договор со Иран, како и регионални лидери, изразија жалење и загриженост поради американското повлекување од договорот. Одлуката на САД ја поздравија Израел и Саудиска Арабија.

Западните демократитии соопштија дека остануваат посветени на иранскиот нуклеарен договор.

Франција, Велика Британија и Германија се решени да продолжат да го спроведуваат иранскиот нуклеарен договор и истовремено да работат на нов и посеопфатен.

- Ќе останеме дел од договорот. Нашите влади се одлучни да го гарантираат спроведувањето на договорот и ќе работат на тоа со останатите земји кои се вклучени во него. Ги повикуваме САД да се зачуваат структурите на договорот и да се избегне каква било мерка која би спречила негова целосна примена од другите земји, се вели во заедничката изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, британската премиерка Тереза ​​Меј и германската канцеларка Ангела Меркел.

Исто така, тие потсетуваат дека Меѓународната агенција за атомска енергија оцени оти Иран продолжува да ја почитува заложбата да не развива нуклеарно оружје. САД и Израел сметаат дека Техеран го крши договорот.

Тројцата европски лидери го повикува Иран да покаже воздржаност во одговорот на американската одлука и да продолжи да ги почитува своите обврски од договорот. Во замена, Техеран ќе продолжи да има корист од укинувањето на економските санкции од другите земји-потписнички на документот.

Париз, Лондон и Берлин сакаат и да се подготви нов, сеопфатен договор за нуклеарната програма на Иран по 2025 година, за неговата ракетна програма и за неговите „дестабилизирачки регионални активности, особено во Сирија, Ирак и Јемен“.

- Европската унија ќе одговори со „единиствен глас“ на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, истакна првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск.

Москва, исто така е против потегот на Трамп. „Русија е длабоко разочарана од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

- Длабоко сме разочарани од одлуката на американскиот претседател за еднострано повлекување од договорот и враќање на американските санкции кон Иран. Исклучително сме загрижени дека САД уште еднаш дејствуваат против мислењето на повеќето земји и грубо ги погазија нормите на меѓународното право, се наведува во соопштението.

Според Москва, оваа одлука на Трамп претставува уште еден доказ дека Вашингтон е неспособен да преговара, а американските критики за законската нуклеарна активност на Иран служат само за порамнување на политички сметки со Техеран.

- Нема и не може да има никаква причина да се поткопа договорот, кој се покажал ефикасен. Иран строго ги почитува своите обврски и тоа редовно се потврдува од Меѓународната агенција за атомска енергија, а САД ја уриваат меѓународното доверба во таа организација, оцени руското Министерство.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека е многу загрижен поради одлуката на Трамп и упати апел до земјите потписнички на Договорот да се придржуваат до преземените обврски.

- Од суштинско значење е сите грижи поврзани со примена на планот да бидат решени преку механизмот воспоставен со Заедничкиот сеопфатен акциски план. Прашањата што не се директно поврзани со Планот би требало да се решат без предрасуди за да се зачува Договорот и неговите достигнувања, посочи Гутереш.

Неговиот претходник на таа должност Бан Ки Мун напиша дека „Советот за безбедност на ОН едногласно го ратификуваше договорот и ниту една земја нема право сама да го прогласи за мртов“.

- Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, предизвикува опасност од создавање на нови конфликти, оцени портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин. - Едностраното повлекување на САД од нуклеарниот договор е одлука која предизвикува нестабилност и нови конфликти, објави Калин на Твитер.

Според него, Турција ќе продолжи решително да се спротивставува на сите видови нуклеарно оружје.

Кина, исто така, е против раскинување на договорот.

Поранешниот американски претседател Барак Обама одлуката на Трамп ја нарече „сериозна грешка“ која ќе ја поткопа глобалното доверба кон Америка. Во изјавата на Обама објавена синоќа, тој вели дека одлуката на Трамп да се повлече е „погрешна“, уште повеќе затоа што Иран го спроведува договорот.

Поранешниот претседател на САД предупреди дека „постојаниот подбивен однос кон договори во кои САД се една од страните, ризикува да ја поткопа довербата кон Америка и противи на големите светски сили“.

Прва реакција по објавувањето на одлуката на Трамп беше од Израел.

- Израел многу ја цени одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман одлуката на Трамп ја нарече „храбро лидерство“ што ќе го урне иранскиот режим.

Регионалниот противник на Иран, Саудиска Арабија ја поздрави одлуката на Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма и да ги возобнови санкциите кон Техеран.

Официјален Ријад ја повика меѓународната заедница да заземе цврст и единствен став кон Иран.

- Иран ги искористи економските придобивки... и ги употреби за продолжување на своите дестабилизирачки активности во регионот, посебно преку развивање на балистички ракети, се посочува во соопштението на официјален Ријад.

На потег е Техеран

Иранскиот претседател Хасан Рохани уште синоќа објави дека Иран ќе остане дел од меѓународниот договор, но предупреди дека неговата земја би можела да ги запре ограничувањата на кои се согласила во врска со своите активности за збогатување ураниум.

Рохани оцени дека не е првпат Трамп да не ги почитува меѓународните договори. Тој најави дека наскоро ќе разговара со Европејците, Кинезите и Русија за да види дали тие можат да ги гарантираат интересите на Иран по повлекувањето на САД од договорот.

Иранските медиуми, одлуката на Трамп ја оквалификуваа како „незаконска, погрешна и одлука која ги обезвреднува меѓународните договори“.

Неколку часа пред да ја соопшти Трамп одлуката, иранските власти порачаа дека Техеран нема да остане пасивен и оти е подготвен за најлошо можно сценарио. Тогаш Рохани предупреди дека САД ќе „зажалат како никогаш досега“ ако излезат од договорот.

Што предвидува договорот

Договорот бара од Иран да примени Дополнителен протокол за надзор од ОН, кој на инспекторите им овозможува широк пристап на информации за иранските нуклеарни активности, но и можност за испитување на кое било место за кое се смета дека е неопходно да се провери.

Главна цел на договорот, потпишан од САД, Русија, Кина, Германија, Франција и Велика Британија е да се овозможи на Иран да му биде потребна најмалку една година за да собере доволно нуклеарен материјал за бомба. Со договорот е намален бројот на центрифуги, машини со кои се збогатува ураниум, но и залихи на збогатен ураниум.

Исто така, со договорот се наметнуваат строги ограничувања на степенот до кој Иран го доведува заситувањето ураниум, што е многу помал степен од потребниот за производство на атомска бомба.

Со потпишувањето на договорот, Иран се согласи Меѓународната агенција за атомска енергија да може сеопфатно да ги следи нивните нуклеарни постројки и соодветни наоѓалишта. Тоа подразбира дневен пристап на инспекции и постојано мониторирање, како што е снимање со камери во Натанз и Фордов, двете подземни места за збогатување ураниум.

Трамп: Договорот овозможува трка за нуклеарно вооружување

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави обновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот. Трамп во обраќањето, што беше директно пренесувано на американските телевизии, нагласи дека санциите што ќе бидат воведени кон Иран ќе бидат од „највисок степен“, додавајќи дека со казнени мерки би можеле да бидат опфатени и други држави.

Американскиот претседател при тоа го обвини Иран за поддршка и спонзорирање на тероризмот и за предизвикување хаос на Блискиот Исток. Тој оцени дека „иранскиот режим“ не се придржувал кон обврските предвидени со Договорот, поради што и решил САД да се повлечат од него.

- Јасно е дека САД со овој Договор не можат да спречет создавање на иранска нуклеарна бомба, рече Трамп.

Трамп нагласи дека ако се дозволи опстојување на Договорот, светот наскоро ќе се соочи со трка во нуклеарно вооружување на Блискиот Исток.

- Нуклеарниот договор со Иран требаше да ги штити САД и нивните сојузници, но тој му овозможи да продолжи со збогатување на ураниум. Ниту една акција што ја презеде Иран не беше поопасна од неговите заложби за стекнување со нуклеарно оружје, додаде Трамп.

Американскиот претседател потести дека досега во неколку наврати побарал преразгледување на одредбите од Договорот, за што САД разговарале и со своите сојузници во Европа и на Блискиот Исток, бидејќи во него нема адекватни механизми со кои би се спречил Иран да лаже.

- Нуклеарниот договор со Иран не ги ограничува иранските дестабилизирачки активности, вклучувајќи ја и поддршката на тероризмот, истакна американскиот претседател.

Советникот на американскиот претседател за безбедност Џон Болтон најави дека денеска ќе има консултации со своите колеги од Велика Британија, Франција и Германија за следните чекори за Договорот за иранската нуклеарна програма.

- Сигурен сум дека денеска и во наредните денови претседателот (Трамп) ќе има телефонски разговори за Договорот за иранската нуклеарна програма. За Договорот ќе разговара со колегите од Велика Британија, Франција и Германија. Ние веќе имаме консултации, посочи Болтон на прашањето дали Вашингтон размислува за следните чекори за Договорот со Иран.

Тој додаде дека САД сакаат да бидат максимално транспарентни со сојузиците со кои преговарале пред денешната одлука на американскиот претседател Трамп за повлекување на Вашингтон од мултилатералниот договор и за возобновување на санкциите кон Техеран.

Сања Костовска



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 09:16