Скопје доби нов цветен пазар кај поликлиниката „Бит-пазар“. Град Скопје овозможи тезгите со цвеќиња што беа распослани на тротоарот по должината на булеварот „Крсте Мисирков“ до Бит-пазар, да бидат поставени на само 100 метри од оваа локација, на просторот зад поликлиниката „Бит-пазар“.
- Град Скопје и општина Чаир со поддршка на еснафот на Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија почнаа да ги ослободуваат улиците и тротоарите од сите препреки што го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешачите. Од денеска Скопје добива уште еден цветен пазар, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.
Тој посочи дека во соработка со „Скопски пазар“ за сите трговци на нелегално поставени тезги на овој потег обезбедиле простор во рамките на „Бит-пазар“, под одредени поволни услови.
Во делот околу Бит-пазар е предвидено да се оформи нова такси-станица, да се засадат дрвореди, просторот хортикултурно да се уреди и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. Дополнително, се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.