Град Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија ќе спроведе обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица. Обуката е предвидено да почне на 1 јуни, а ќе трае три месеци.

Кандидатите за времетраењето на обуката ќе добиваат надомест од 9.000 денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот.

За таа цел, годинава Град Скопје предвиде 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари.

Во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци, во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак, наведуваат од Град Скопје.

Оваа мерка, како што псочуваат, е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 11:51