Самсунг подготвува промоција на уште еден атрактивен паметен телефон со просечна цена, кој ќе вдахне нов живот во Galaxy S8 серијата. Станува збор за Galaxy S8 Lite, кој позајмува некои карактеристики од оваа популарна серија, како и дизајн елементи на елегантните Galaxy A модели.

Според „Андроид полис“, официјалната промоција на паметниот телефон ќе се одржи на 21 мај, кога ќе се дознаат и повеќе информации за негово промовирање на европскиот пазар.

Новиот претставник на серијата ќе биде опремен со 5,8-инчен екран со ХД резолуција од 2.220x1.080 пиксели. Батеријата има капацитет од 3.000 милиампер часови и гарантира 24-часовна издржливост. Galaxy S8 Lite ќе работи со оперативен систем Андроид Орео. Другите спецификации вклучуваат Куалком Снапдрагон 660 процесор со 4ГБ РАМ и 64ГБ внатрешна меморија.

Сè уште нема информации за камерата што ќе ја понуди Galaxy S8 Lite. Нема да биде изненадување ако моделот е опремен со две леќи во задниот дел. Ова ќе биде уште една понуда на апарат од средна класа на компанијата, каде конкуренцијата меѓу производителите е огромна. Цената на Galaxy S8 Lite ќе биде клучна за неговата популарност на европскиот пазар.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 23:07