Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ се соочува со пријава од дваесетина скопски угостители откако најави дека општината била носител на акција за контрола во неколку населби, пренесува Фактор.
„Како што може да се види општината нема никаква надлежност во врска со контрола и надзор на пазарот и на даноците, па оттука нема никаков законски основ, Општина Центар да биде носител на било каква акција со Пазарна инспекција, УЈП и МВР..
Oпштината може да биде субјект на надзор, но никако носител на надзор кој го вршат органите на државната управа. Членот 18 од Законот за општата управна постапка, јасно пропишува дека „Стварната надлежност на јавните органи се определува со закон со кој се уредува одредена управна работа или се определува надлежноста на јавните органи.“ Тоа значи дека со член 8 од Законот за Државниот пазарен инспекторат е утврдена надлежноста на пазарната инспекција, со член 8 од Законот за Управата за јавни приходи е утврдена надлежноста на УЈП, со Законот за внатрешните работи е утврдена надлежноста на МВР. Нема никаков законски основ Општина Центар да презема било какви дејствија и да организира акции од надлежност на овие органи. Доколку има сознание за било какви незаконски дејствија, таа е должна да ги извести надлежните органи и ништо повеќе.
Доколку се вистините наводите на фејсбук профилот на градоначалникот, тогаш има основано сомнение за сторено кривично дела „злоупотреба на службена положба“ со пречекорување на границите на своето службено овластување утврдено во член 353 од Кривичниот законик. Заради тие причини по прибирање на потребната документација согласно член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и тоа: Документ со кој Општина Центар се јавува како носител и организатор на акцијата, сите записници и решенија кои се донесени во текот на акцијата и изречените мерки, како и по разговор со сите угостители кои биле предмет на надзор, доколку кај нив не е утврден недостаток, а е предизвикана штета затоа што не можеле нормално да функционираат во времето на надзорот, ќе поднесеме соодветни пријави“, се вели во писмото испратено до јавноста.