Торонто репторс го отпушти тренерот Двејн Кејси, но и покрај тоа претседателот на канадскиот клуб, Масаи Уџири, смета дека 61-годишниот стручњак треба да биде избран за тренер на годината во НБА лигата.
Торонто регуларниот дел од сезоната го заврши на прво место на табелата од Источната конференција, но во полуфиналната серија загуби од Кливленд кавалирс со 4:0. Тоа беше доволна причина искусниот тренер да си замине од тимот.
Иако Уџири соопшти дека ваквата одлука била неопходна, сепак тој потенцира дека воопшто не се сомнева во квалитетите на Кејси.
- Не сум работел со подобра личност. Двен е неверојатен човек. Да го отпуштам него ми беше најтешката работа во животот. Никогаш не сум сретнал некој како него. Искрено се надевам дека ќе биде прогласен за тренер на годината. Тој тоа го заслужува, истакна Уџири.
Кејси седум сезони го водеше Торонто, а клубот во тој период оствари 320 победи и 238 порази, како и едно конференциско финале.