Приказната на Кометал Ѓорче Петров останува неповторена. И ова не е само крај на еден сон, ова е крај и на најамбициозното и најуспешно поглавје во историјата на клубот, бидејќи овој тим на Вардар целосно се растура на крајот на сезоната. Сите ракометарки веќе имаат пронајдено нов клуб, а Вардар ќе има еден сосема друг изглед наесен и нема да биде веќе никаков фактор ни во Лигата на шампионите, ни во европскиот ракомет

Продолженијата во финалето на лигата на шампионите повторно беа пречка за Вардар да ја освои европската круна. И годинава мораше да играат продолженија, повторно против Ѓер и повторно да останеме само европски вице прваци. Во финалето на Ф4 турнирот Ѓер победи со 27-26 (20-20, 9-9).

Две различни полувремиња од регуларниот дел. Во првото Ѓер беше подобар, имаше водство кое на полувреме сепак можеше да биде во напа корист. Не бевме навикнати на судискиот критериум да се дозволи „помашка игра" што успешного користеа домашните ракометарки.

Амандин Лејно имаше вкупно 16 одбрани на средбата, но тоа не беше доволно за златото што сите го посакувавме. Во второто полувреме од регуларниот дел Вардар имаше предност, што на крај можеше да го круниса и со шампионски гол, ама не стигнавме да упатиме удар, исто како и лани.

Но, ќе остане забележано дека Вардар е единствениот тим што на сите настапи на Ф4 турнирите бил на победничкиот пиедестал, трипати бронзен медал и два пати сребро.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2018 00:15