Повеќе од илјада лица се собраа вчера во Истанбул во знак на осуда поради одлуката на САД да ја пресели својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Собраните, кои протестираа против смртоносните судири долж израелско-палестинската граница, ги запалија знамињата на САД и на Израел.

Ал Кудс (арапското има за Ерусалим) им припаѓа на муслиманите, пишуваше на транспарентите, кои ги носеа демонстрантите. Тие извикуваа „Господ е голем“ и повикуваа на света војна и мачеништво.

Еден од говорниците ги нарече Американците „кучиња“, додека други луѓе извикуваа: „Ерусалим е наш, ќе биде наш“.

Собирот беше организиран од фондацијата за добротворни цели за давање помош ИХХ.

Турција жестоко ги критикуваше САД и Изреал поради преместувањето на Амбасадата, а турскиот премиер, Бинали Јилдирим ги критикуваше двете земји поради прославата по повод преместувањето на Амбасадата додека „невини и беспомошни Палестинци се мачат“.

Анкара вчера ги повлече амбасадорите од Вашингтон и од Тел Авив на консултации и прогласи тридневна жалост поради над 50 Палестинци, кои беа убиени на границата меѓу Израел и Газа.

Анкара го осуди „масакрот“ врз Палестинците, кој го извршија израелските сили за безбедност и наведе дека „регионалниот и глобалниот мир и стабилност нема да има се додека не се постигне трајно праведно решение за палестинското прашање".

- Остро ја осудуваме одлуката на американската администрација да ја пресели својата Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, со што го крши меѓународното право и сите релевантни резолуции на ОН. Повторуваме дека оваа акција е правно ништовна и неважечка", соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција остро ќе реагира на развојот на настаните во Појасот Газа.

- Ги повикавме нашите амбасадори од Вашингтон и од Тел Авив на консултации. Повикуваме на вонреден самит на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) и се надевам дека в петок ќе се сретнеме во Еникипи (Истанбул). Исто така, предлагаме да се свика вонредна седница на Советот за безбедност на ОН. Најавуваме тридневна национална жалост, изјави Ердоган за телевизијата НТВ за време на посетата на Велика Британија.

Ердоган го нарече Израел терористичка држава, а неговите акции против Палестинците - геноцид.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2018 10:26