Шампионот во НБА, Голден Стејт стартуваше со победа со 119:106 како гостин на Хјустон во финалната серија во Западната конференција. Со главната заслуга за победата на „воините“ беше Кевин Дурант, кој постигна 37 поени. Уште 28 придодаде Клеј Томпсон, кој нанижа 6 тројки, а лидерот на тимот Стеф Кари ја заврши средбата со 18 поени, 6 скока и 8 асистенции. За Хјустон, Џејмс Харден беше најкорисен, откако постигна 41 поен. Крис Пол додаде 23 поени и 11 скока за „ракетите“ во првиот финален натпревар на конференција во кариерата како професионалец, додека резервата Ерик Гордон постигна уште 15 поени за домаќините. Мечот во „Тојота центар“ започна подобро за домаќините кои поведоа со 9 поени разлика во средината на првата четвртина по забивање на Клинт Капела. Уште до крајот на првиот период, сепак, Голден Стејт го намали резултатот само до поен при 29:30 и на паузата двата тима се повлекоа при изедначен резултат - 56:56. Второто полувреме, сепак, беше целосно за гостите, чие искуство во слични средби покажа огромна улога и тие успеаја да направат брејк против Хјустон во серијата. Вториот натпревар помеѓу двата тима ќе биде повторно во Хјустон во раните утрински часови по македонско време во четврток.