Голем број филмски професионалци го посетија македонскиот штанд на престижниот Кански фестивал каде беше промовирана нашата земја како дестинација за снимање на филмови и беа претставени домашните остварувања кои годинава се дел од оваа реномирана манифестација.
На присутните им беа поделени промотивни материјали и подетално се запознаа со Македонија и со нејзиниот филмски потенцијал.
На промотивниот настан присуствуваше екипата од филмот „Дивата круша“, чиј копродуцент е Македонија, и е во официјалната селекција на Канскиот фестивал. Беа претставени и домашните остварувања кои се дел од филмскиот маркет - двата долгометражни, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филмови, „Една“ на Вук Митевски и „Готлиб“ на Крсте Господиновски.
Агенцијата за филм годинава стави акцент на унапредување и подобрување на промоцијата на Македонија како дестинација за снимање поради што подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Дополнително, на 9 мај во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.