Недозволиво е во главен град на една европска држава, во европско Скопје за кое сите се залагаме, да имаме луѓе кои на диво ќе продаваат стока, надвор од кој било правен пропис и надвор од кое било правило. Ова денеска го соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање за протестот на дивите продавачи на Бит пазар.
- Само на Бит пазар во моментов има 500 субјекти, 500 луѓе кои плаќаат редовно и давачки за тезги и даноци кон државата. Недозволиво е поради 20 или 30 диви продавачи кои имаат можност да се легализираат и понудени им се и по социјален аспект определени бенефиции, да се однесуваат на начин на кој се однесуваат, рече Шилегов по потпишувањето на писмото за намери со Министерството за култура за заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.
Потсети дека првиот рок што го утврдиле бил 5 април, а еден месец пролонгирале поради разговори и преговори со нив за на крај, како што рече, да се убедиме дека треба да влезат.
- Очигледно е дека не сакаат тоа да го направат. Нивен е изборот, се уште е отворена опцијата да влезат во пазарот, а Град Скопје заедно со „Скопски пазар“ два месеца да ги подмири трошоците за нивното влегување за тезги, рече Шилегов.