Во Старата скопска чаршија вечерва еше отворена „Лабораторија за урбано живеење“ во Скопје (Urban living lab). Станува збор за нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK).
Лабораторијата ја отвори градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов кој рече дека враќањето на животот во стариот дел на градот е наша стратешка определба и затоа посветено се работи културното наследство да се направи достапно за сите.
- Активностите што планираме да ги преземаме ќе му дадат само ново светло на наследството, туку ќе овозможат да се испреплетат во него историјата и сегашноста и да направат автентична основа за идното културно творење на нашите сограѓани. Културното наследство, го претставуваат разни добра, наследени од генерациите пред нас или настанати во сегашноста, кои имаат специфична вредност и треба да бидат зачувани за идните генерации. Затоа, неопходно е да се одржува развојот на културното наследство, преку имплементација на соодветни методи и стратегии за валоризација, реставрација, ревитализација, конзервација и заштита, рече градоначалникот Шилегов.
Тој се осврна на намената и активностите на оваа лабараторија и нејзиното значење за промоцијата на Старата скопска чаршија.
- Оваа Лабораторија треба да претставува центар на акции, односно процесите што ќе почнат во неа ќе обезбедат нов увид во потенцијалот и зачувувањето на културното наследство, со што ќе се создаде можност за квалитативна просторна повторна употреба, која ќе отвори работни места во креативните индустрии, истовремено ќе го ублажи влијанието врз климата и ќе овозможи демократски и фер односи, потенцираше Шилегов.
Деновиве во Скопје се одржуваат голем број активности поврзани со проектот „РОК“, меѓу кои и второто генерално собрание на кое учествуваат 36 партнери од 13 земји, каде истите дискутираат за досегашните резултати од проектот и планот за идните активности.
Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град.
Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од седум избрани градови: Атина, Клуж - Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во три „репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.
Градот Скопје во овој проект учествува како град-репликатор, и притоа треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и истите да ги имплементира.
Градот Скопје во рамките на овој проект своите активности ќе ги фокусира во старото градско јадро на Скопје, каде што преку имплементирање на голем број креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија ќе се работи на негова трансформација во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој.
Како локации на кои ќе се спроведуваат активностите во рамки на проектот „РОК“ се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало.
Проектот „РОК“ е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.