Повеќе од 200 ученици и наставници од основните училишта од Македонија учествуваа во едукативните активности на „Олимпијадата за читање и математика“ што се одржа денеска на сцената „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, во рамки на проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.

Учесниците на настанот ги посетија амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и министерката за образование и наука Рената Дескоска.

- Инвестициите во вакви проекти придонесуваат идните граѓани да бидат активни, креативни и продуктивни. Од УСАИД сме горди што спонзориравме ваков проект изминатите пет години, се надеваме дека понатаму ќе се инкорпорира во училиштата, затоа што дава резултати за развоју на децата, рече Бејли.

Според министерката Дескоска, методите на учење на математичките и јазичните вештини се методи кои ги посакува во сите училишта имајќи предвид дека една од програмскаите заложби на оваа Влада е да го направи учењето не само потреба туку и желба за учениците.

- Сите мерки и реформи, кои што ги правиме, особено измената на наставните планови вклучува измена на методологијата на учење, интегрирано учење. Се надевам дека овие методи ќе ги направиме достапни за сите ученици во Македонија, рече Дескоска изразувајќи благодарност до УСАИД и надеж за продолжување на проектот.

Целта на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’, кој се спроведуваше изминатите пет години од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’, е да ги процени и подобри јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија и да се подигне свеста кај целата јавност за важноста од јазичната и математичката писменост. Олимпијадата за читање и математика е еден од низата настани со кои се одбележува официјалното завршување на проектот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2018 13:18