Следниот проект на ХТЦ ќе ги израдува навивачите на криптовалутите. Тајванската компанија објави дека работи на паметен телефон со Андроид со име „Егзодус“ (Exodus) кој ќе се потпира на актуелната блокчеин технологија и ќе вклучува универзален електронски новчаник и заштитена хардверска зона за поддршка на криптовалути и децентрализирани апликации. На чело на проектот е Фил Чен, кој стои зад очилата за виртуелната реалност „Вајв“, а досега беше во „Хоризонс венчрс“. Под негово раководство ќе бидат сите иницијативи на ХТЦ поврзани со блокчеин технологијата и критовалутите.

Чен го презентираше „Егзодус“ како првиот телефон со природна поддршка на блокчеин, кој има за цел да обезбеди најдобро корисничко искуство со децентрализирани апликации (Dapp). Компанијата има намера да создаде блокчеин мрежа, во која секој телефон делува како јазол, за да ја олесни трговијата на криптовалути меѓу корисниците. Уредот ќе поддржува дигитални пари како биткоин, етереум, дфинити и други, а желбата на компанијата е да биде поддржан целиот блокчеин екосистем. Во наредните месеци очекуваме повеќе информации околу партнерствата со други компании.

Засега нема повеќе информации за уредот, но компанијата објави шематска слика со неговите компоненти. Се уште не е јасно кога ќе биде премиерата на телефонот и кога ќе започнат продажбите, но заинтересираните можат да се регистрираат во сајтот на производот.

Ова не е првиот телефон со блокчеин - „Сирин Лабс“ претстави таков уред во крајот на минатата година и ќе го пушти на пазарот оваа есен. Хуавеи исто така е заинтересиран за технологијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2018 18:15