Сезоната која што сосема солидна започна за португалскиот гигант, Спортинг Лисабон, по се изгледа ќе заврши катастрофално. Откако синоќа се случи упад на хулигани кои со „бакљи“, шипки и ножеви ги нападнаа играчите и претепаа неколку од нив поради загубеното место во Лигата на шампионите, утринава во клубот имало полициска акција поради местење натпревари.
Според извештаите од Португалија, уапсени се четири лица, меѓу нив и спортскиот директор на Спортинг, Андре Жералдес.
Истрагата е покрената поради сомнителни работи во ракометот, бидејќи Спортинг во тој спорт е двократен последователен шампион на Португалија. Но, тогаш аферата се проширила. Полицијата пресретнала гласовни пораки на извесен Пауло Силва преку апликацијата „WhatsApp“. Тој е инаку посредник кој во име на лисабонските „лавови“ ги договарал резултатите. Силва наводно на судиите им дал 2.000 евра со цел да го намести мечот помеѓу Бенфика и Порто со цел ракометарите на Спортинг да останат на чело на табелата.
Меѓутоа, истрагата по ова е проширена и на фудбалската екипа. Конкретно, на августовскиот дуел со Гимараеш од оваа сезона кој Спортинг го доби со 5-0. Меѓу останатото и затоа што споменатиот Силва наводно го потплатил стоперот на противничката екипа Жоао Аурелио. Силва го исплатил Аурелио ден по натпреварот во околината на стадионот „Афонсо Енрике“.
Под лупа се и мечевите на Спортинг со Феиренсе, Чавес, Тондела, Авес и Есторил. Секој пат Пауло Силва бил посредник.