Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на денешната прес-конференција, со која ја најави финалната серија од плејофот помеѓу КК Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, на кошаркарскиот клуб од Градскиот парк му додели признание со кое се одбележува најдолгата серија како непоразен во регуларниот дел од сезоната. Најтрофејниот македонски кошаркарски тим сезонава запиша 22 победи во низа, без ниту еден пораз. Првиот меч меѓу двата вечни ривали се игра во недела во „Градски парк“, а следните два се на 23-ти односно 25-ти мај, прво во „Јане Сандански“, а потоа повторно во „Градски парк“. Евентуалната четврта и петта средба се закажани за 28 мај во салата на Аеродромци, додека на 31 мај кај тимот од „Градски Парк“.