FIFA 2018 Светското првенство во Русија наближува – 43 дена до самиот старт!

Во меѓувреме, до почетокот на Светското првенство, секој ден одблиску ќе погледнеме различни статистички податоци од историјата на првенството.

43 години и три месеци – толку беше стар колумбискиот голман Фарид Мондрагон кога влезе во 85 – тата минута од натпреварот меѓу неговата земја и Јапонија на фудбалското светско првенство во Бразил 2014, со што стана најстариот играч кој некогаш настапил на светските првенства. Тој како неискористен играч на колумбискиот тим во САД 1994 и како прв голман на Колумбија во Франција 1998, го засени рекордот кој беше претходно поставен од Камерунецот Роџер Мила.

“Само што го постигнавме третиот гол (колумбискиот тренер Хозе) Пекерман ми рече: ‘Ајде! Ајде! Ти можеш!’” се сеќава Колумбиецот кој влезе во играта кога неговиот тим водеше со 3-1 на натпреварот на кој на крајот ќе извојуваат победа од 4-1. “Го облеков дресот и ракавиците најбрзо што можев. Бев премногу возбуден, а адреналинот беше на највисоко ниво.”

Додека Мила го држеше својот рекорд цели 20 години, рекордот на Мондрагон би можел да биде надминат многу брзо; легендарниот египетски голман Есам Ел Хадари ќе има 45 години и 5 месеци кога Фараоните ќе настапат во Русија 2018.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/05/2018 01:10