Селекторот на фудбалската репрезентација на Белгија, Роберто Мартинез денеска го објави списокот од 28 играчи за Светското првенство во Русија, кој до четврти јуни ќе го скрати на 23.

Големо изненадување е изоставувањето на ѕвездата на Рома, Раџа Наинголан, од белгиската селекција.

Наводно Мартинез лично го известил Наинголан дека нема да биде на списокот за Мундијалот, а според одредени гласини причина за тоа е неспортскиот начин на живот, односно порокот кон алкохолот и цигарите.

Но, според дел од белгиските медиуми, фудбалерот на Рома не се нашол на списокот, бидејќи не се вклопува во концептот на селекторот.

Наинголан, по оваа одлука на селекторот, објави дека ја завршува неговата репрезентативна кариера.

- Неволно одлучив да ја завршам репрезентативната кариера. Секогаш се трудев на најдобар начин да ја претставувам нашата земја, но, за жал, не е секогаш до мене. Од денеска сум само навивач на Белгија, истакна фудбалерот.

Одлуката на селекторот Мартинез наиде на неодобрување кај повеќето белгиски навивачи, кои очекуваа подобар пласман со настапите на Наинголан во Русија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2018 17:44