Тренерот на Голден стејт вориорс, Стив Кер изјави дека е горд на неговиот тим, кој има веќе низа од 16 натпревари без пораз на домашен терен во плејофот на НБА лигата.

Голден стејт го совлада Хјустон со 126:85 во третиот натпревар од финалната серија на Западната конвенција и поведе со 2:1. Вориорс со победата во „Оракл арена“ поставија рекорд, врзувајќи низа од 16 натпревари без пораз на домашен терен во плејофот.

Претходно, најдолга низа со победи пред сопствена публика имаа Чикаго булс, вкупно 15 во сезоните 1990 и 1991 година.

- Се наоѓаме во пеколен ритам. Имаме одлични играчи, кои се посветени и со посебна желба го бранат домашниот терен. Горд сум на нив и она што го направија во изминативе години. Но, да не дозволиме грешка, бидејќи ќе биде екстремно тешко во четвртиот натпревар. Тоа ќе биде важен натпревар за сите, и за нив и за нас, истакна Кер.

Најефикасен во тимот на актуелниот шампион Голден стејт е Стеф Кари со 35 поени и шест скокови.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2018 20:08