Фудбалскиот клуб „Победа“ од Прилеп со голем оптимизам гледа на бараж-натпреварот кој ќе се одигра на 3 јуни што директно ќе му обезбеди на клубот опстанок во првата македонска фудбалска лига, беше соопштено на денешната прес-конференција на раководството на прилепскиот фудбалски клуб.

Бараж-натпреварот ќе се одигра во Струмица против победникот од дуелот на второплсираните од вторите лиги Борец-Гостивар, натпревар кој се игра на 30 мај во Скопје. Теренот во Струмица прилепскиот клуб го смета како домашен зашто во моментов нема свој во Прилеп.

Според в.д претседателот на клубот Ирена Јакимоска расположението е одлично зашто станува збор за потврдата за останување во Првата лига.

- Се надеваме дека се ќе биде во ред и „Победа“ ќе остане во Првата лига каде што и е местото. Сепак, тоа е клучен натпревар за клубот и очекувам дека играчите ќе го дадат својот максимум, рече Јакимоска.

Опстанокот на „Победа“ во Првата лига, додаде, е клучен и зашто „Победа“ ќе има, за прв пат, и соодветен буџет, буџет за Европа.

- Тој буџет ќе ни даде можност да се преструктуираме, да земеме нови играчи и да потврдиме дека можеме да имаме тим достоен за европските натпреварувања. А поддршката од прилепската публика има голем удел за остварувње на сите надежи на „Победа“, објасни Јакимоска.

Шефот на стручниот штаб Тони Мегленски вели дека за натпреварот се на располагање сите играчи.

- Како шеф на стручниот штаб сум 40 дена. Во баражниот натпревар се надевам дека ќе излеземе како победници. На располагање се сите играчи и оваа шанса за „Победа“ не смее да се пропушти, а потоа да се подготвиме добро за наредната сезона, рече Мегленски.

Фудбалерот Зоран Даноски вели дека тимот ќе даде се од себе за да го оствари сонот на клубот - да победи во бараж натпреварот на 3 јуни за да биде дел од првата македонска фудбалска лига.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2018 22:00