Британската Влада се подготвува да побара една милијарда фунти од Европската Унија, за нејзиното учество во системот „Галилео“, откако Брисел најави дека Лондон ќе треба да го напушти системот, заедно со напуштањето на Унијата, соопштија британски владини извори.

Системот „Галилео“ е европскиот ривал на американскиот ГПС систем за сателитска навигација. Европската Унија го лансираше проектот во 2003, а тој треба да биде завршен во 2020 година.

Велика Британија е една од главните земји кои учествуваа во развојот на „Галилео“, но ЕУ оценува дека по напуштањето на Унијата, Лондон не смее да има пристап до чувствителните информации кои ги содржи системот.

Со ова се отвора уште еден фронт во преговорите помеѓу Лондон и Брисел за Брегзит.

ЕУ смета дека Велика Британија ќе може да има пристап до отворениот сигнал на „Галилео“, но нејзината војска нема да смее да ја добие енкриптираната верзија на системот, откако тој ќе стане оперативен во 2020 година.

Според извори во британската Влада, Лондон размислува да развие сопствен систем за сателитска навигација, доколку ЕУ продолжи да бара исклучување на Велика Британија од енкриптираната верзија. Експертите предупредуваат дека нов систем би ја чинел Велика Британија околу три милијарди фунти.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2018 20:49