Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони денеска изјави дека неговата партија Форца Италија ќе гласа против коалициската влада на Движењето Пет ѕвезди и крајно десничарската Лига на седницата на парламентот следната недела.

Форца Италија беше во сојуз со Лига на изборите во март, кои завршија без јасен победник. Берлускони овој месец му одобри на својот сојузник да преговара со Движењето Пет ѕвезди откако сите други политички опции беа блокирани.

Берлускони во своето соопштение рече дека програмата, која ја составиле двете партии е „наивна книга на соништа”.

– Не можеме ништо друго освен да ја потврдиме нашата одлука да не гласаме за довербата на владата и да бидеме во опозиција, рече поранешниот италијански премиер.

Гласовите на Форца Италија не се неопходни за коалицијата на Пет ѕвезди и Лигата да добијат мнозинство во парламентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2018 00:08