Почнува главната, а можеби и најтешката фаза за наш Вардар во ракометната лига на шампиони: “Одбрана” на титулата, онаа освоената лани, онаа голема титула која ја обедини целата наша држава, ги обедини сите градови и села, сите дишевме како едно и сите се радувавме заедно, бевме сплотени и среќни како никогаш до сега.
Тоа беше онаа ПОБЕДА која нашиот плоштад го направи да изгледа како мала училишна сала претесна да ги собере сите ученици наеднаш.
Победата која не натера барем на неколку дена да ја заборавиме нашата фамозна политика и сите “убавини” кои ни го сочинуваат секојдневието. Победа за која стоењето неколку часа на плоштад на 40-ина степени беше уживање.
Провокации кон навивачите
Вардар ја започна сезоната доста бурно. Се започна со продажбата на билети од квалификационото коло за лигата на европа каде Вардар требаше да го пречека големиот Фенербахче. Таа глупост и цените од 3000 денари за една карта наидоа на бурни реакции кај вардаровите фанови. И тоа сосема оправдано! Па зарем имаме ние стандард за да си дозволиме таков луксуз?
Или пак намерата беше да се одигра натпреварот пред одбрана публика?
Меѓутоа, тоа не беше најстрашното. Бурата што се создаде го налути Самсоненко кој најави заминување од Вардар. Впрочем, како да чекаше и најмала искра за да си искреира сценарио и да се повлече. Откако се премисли неколку пати, на крај го добивме следниот исход : ФК Вардар направи безброј нелогични потези. Велковски беше преместен во Б тимот поради тоа што не сакаше да потпише нов договор, а од пред некој ден потпиша за хрватска Ријека, и тоа за БЕЗ ПАРИ.
Николов и Спировски беа продадени, па драмата со Максимов, а на крај го загубија Муслиу на аматерски начин. Е тоа беше шоу. Играчот кој беше стандарден и во домашното првенство и во Европа Лигата, како слободен играч потпиша за Приштина и веднаш беше пратен на позајмица во лутиот ривал на црвено – црните, во тетовска Шкендија. И како едвај да чекаше прилика да го прегази тимот во кој созреа како играч, па си учествуваше вокално во славјето на Шкендија: Вардаре пуши ми го к....т .
Целата оваа приказна заврши со следниот епилог: Од историската генерација која избори настап во Европа останаа 2-3 играчи. Замина и капитенот Грнчаров, па најдобриот стрелец Блажевски, па Стојков...
А нормално, врвот беше достигнат со фамозниот бојкот, кој придонесе за тотален “распад” на целиот вардаров систем. Доживеаа елиминација од купот, а и титулата во лигата ја загубија, и тоа со рекордно заостанување зад лидерот од над 30 поени!
Желба за историски успех
Откако стана се повеќе од јасно каква ќе биде иднината на фудбалската икона, следни беа ракометарките кои 5 години по ред учествуваат на завршницата на Лигата на Шампиони, за жал без толку посакуваната титула до сега.
И таму се случи “растур систем”. Самсоненко ги распушти. Се опростија од македонските фанови, малку се исплакаа и секако, веднаш сите најдоа нови средини. А кој не би ? Изледа ЧСМ Букурешт ќе профитира најмногу бидејќи успеа навремено да ги договори Лекиќ, Радичевиќ, Цвијиќ и Лазовиќ.
Се на се остана надеж за успех оваа сезона имајќи ги во предвид игрите на вардарки и фактот дека беа непоразени цела сезона. Е ама, и тоа не одеше по планот. Изборија релативно лесна победа против Ростов Дон , а најавија и силна борба за злато против Ѓер.
И таа последна шанса за оваа генерација и воошто овој Вардар заврши со солзи. Чанаџија го промаши клучниот удар кој не само што ја запечати тажната приказна на вардарки, туку изгледа ја запечати судбината и на самата ракометарка која стави крај на кариерата на само 24 години.
Како и да е ,си ја наредија сите фино, а ти Вардаре, здравје од догодина со младински сили, и, и среќно!
Армијата на Ел Команданте спремна за клучната битка
Е сега дојдовме всушност и до целта на оваа колумна: Машкиот ракометен Вардар ја помина оваа сезона со мали пецкања, тук и таму. Дојде ”џинот” Криштопанс, а замина Душебаев, играчот кој дојде како дете, замина во Киелце кај својот татко како најдобар десен бек во светот.
Ја започнаа сезоната со солидни игри кои пак носеа позитивни резултати. Некои победи беа рутински, некои на среќа, а некои нормално, со ВАРДАРОВАТА МАГИЈА. Сето тоа почна да се расклатува со шпекулациите за заминување на ЕЛ КОМАНДАНТЕ, на Штербик, на Македа итн...
Нормално и во овој случај се јави врвот на Вардар со порака за смирување на фановите. Ама кај што има чад има и оган, нели ? Почнаа да стигаат официјални потврди од клубските сајтови и од реномирани светски портали.
Раул Македонски ни го земаа богатите светци, и згора на тоа го направија најплатен тренер на светот и рекордер во лични приходи во ракометот досега. Ни остана да се тешиме дека сеуште го имаме на чело на репрезентацијата, но прашање е до кога? Ќе можеме ли да го задржиме најдобриот светски тренер да не води на уште многу европски и светски првенства, а зошто да не и до медали на истите?
Не се потребни повеќе коментари за Раул, Вардар му даде шанса, тој ја зграби и затоа е денеска тоа што е . Смирен, сконцентриран, и МАЕСТРАЛЕН . А за говорењето на нашиот јазик, воопшто нема да коментирам .*
*( во ситуација кога тренери со југословенско потекло сеуште “завлекуваат” на одредени букви и сеуште користат зборови од својот мајчин јазик... )
Замина и Циндриќ, па Македа, па Марсениќ, Канељас, а замина и Арпад. Замина Штербик во Веспрем, онаму каде што ја започна својата кариера и онаму каде што почна да му наговестува на светот дека ракометот добива нова икона, нов генијалец во својат генерација.
Замина човекот кој имаше огромен придонес во успесите на Вардар изминативе години. А, да не заборавам, тоа е човекот кој го донесоа од дома само за финалето на Европското Првенство годинава бидејќи Шпанија имаше двајца повредени голмани, а тој така спонтано и во негов стил, со магијата која ја поседува им донесе нова европска титула на шпанците. Ништо посебно нели ?
Не е пробемот во заминувањата, таков е спортот, проблемот е во тоа што овие СВЕТСКА класа играчи ќе бидат заменети со недокажани и анонимни Руси во чиј квалитет изгледа и Самсоненко едвај верува!
Сепак, Вардарци покажаа зрелост и големина. Сите овие случувања беа настрана од нивната психа. Рутинирано ја освоија СЕХА лигата со само едно реми и ниеден пораз, македонскиот куп и македонското првенство исто така не треба да им претставуаат голем проблем.
Низ Лигата на Шампионите повторно го демонстрираа оној шампионски дух од лани. Духот кој им донесе титула на крајот.
Јане Сандански арената остана неосвоена. Падна Барса, падна Нант на нашиот Кире, падна Рајн Некар, Пик Сегед... Во четврт-финалето падна и големиот Кил.
Со тоа Вардарци го заверија својот пласман на Ф4 втора година по ред. Таму ги чекаат 3 француски екипи: ПСЖ, Монпеље и нашиот Кире со својот Нант. Да, никој не ги очекуваше Нант и Монпеље во најдобрите 4, но го заслужија своето место.
Особено се покажа Монпеље кој се бори за титулата со ПСЖ и кој успеа да ги елиминара Флензбург и Барса – великани на европскиот ракомет.
Е токму оваа екипа која приреди пријатно изненадување е следниот противник на наш Вардар. Тим кој го гледавме минатите сезони и против Металург и против Вардар. Тим кој барем на хартија нема што да бара против Европскиот шампион и тим кој доаѓа на фајнл-фор откако претрпе шокантен пораз во домашното првенство од Сен Рафаел и му ја подари титулата на ПСЖ.
Другата полуфинална двојка е Нант – ПСЖ, дуел во кој исто така има истакнат фаворит според обложувалниците, а тоа е тимот на ПСЖ. Никола Карабатиќ без својот помлад и моментално повреден брат Лука ќе се обиде по секоја цена да стигне до нова европска титула, ама и наш Кире не се дава лесно!
Нам ни останува само да ги бодриме нашите Вардарци, играчите кои ја “збунија” цела Европа. Да не создаваме никаков притисок и да им ја дадеме сета поддршка и да уживаме во нивните игри, бидејки докажаа дека вредат и дека се сила во светот на ракометот.
И за КРАЈ, спортски поздрав и ЕДЕН ЖИВОТ - ЕДНА ЉУБОВ!
Бојан Галевски