Кога во септември годинава Националниот универзитет за наука и технологија МИСИС (НУСТ МИСИС) од Москва, ќе ја прослави 100-годишнината од постоењето на оваа руска високообразовна институција, ректорот Алевтина Черникова ќе има со што навистина и да се пофали. Оваа професорка по економија и менаџмент, раководи со еден од најстарите и воедно еден од неколкуте најдобро рангирани универзитети во Руската федерација, со високи коефициенти и во светски рамки.
Само како еден пример, што со гордост го истакнува, е фактот дека во 2018 година МИСИС се најде меѓу 30-те најдобро рангирани универзитети во светот специјализирани за металургијата. Но, зад овој ранкинг стои многу наука, знаење, истражувачка работа, иновативност и посветеност, по што ова големо семејство е познато во Москва и Руската Федерација. Трудовите, иновациите и производите што излегуваат од универзитетот и нивните соработници во производните погони веќе се применуваат во многу сектори од руската економија, но се извезуваат и низ светот.
МИСИС почнал со работа во далечната 1918 година како мал Институт за рударство, за во 1930 година да прерасне во Институт за челик и факултет за металургија. Во советската ера факултетот растел и се развивал, бил препознатлив бренд во „вадењето“ кадри и во научните иновации во металургијата, за во 2014 година да се најде на листата„ 501+“на светски универзитети. Денеска МИСИС има девет факултети, пет области на работа, 30-тина лаборатории и три истражувачки центри. Во него студираат 17.000 студенти, од кои 3.300 се странски, а доаѓаат од 69 земји во светот. За жал,на него нема ниту еден македонски студент, магистрант или докторанд, иако на другите универзитети во Москва студираат неколку десетици.
Во изминатите години мноштво написи и трудови на истражувачи од овој универзитет биле објавувани во највлијателните научни списанија со импакт фактор, како Nature Communication,ACS Nano, Nano Letters, nature Physics,Scienc, Nature, Nanotehnology и Nature Materials.
Спој на знаење и пракса
Универзитетот МИСИС соработува со 1.600 компании во Русија на различни програми, од економијата, индустријата, особено наменската, а се повеќе се пробиваат и во вселенските програми.
По повод 100-годишниот јубилеј и желбата да го сподели тоа што го има постигнато на полето на науката и технологијата МИСИС постојано организира средби со медиумите. Домаќините се обидуваат на секој начин да остават впечаток, барем од тоа што им го прикажаа на десетината новинари од сите страни на светот. Во повеќето стари згради, изградени пред повеќе децении, сега се сместени и опремени модерни истражувачки центри и лаборатории, предавални, во кои се истражува и продуцира технологија за иднината.
За сите гости од групата најимпресивен секако беше Центарот за прототипи, каде во еден огромен простор можеа да се видат скици, нацрти и идеи за новата генерација седишта за руските вселенски летала, летало што е половина авион, а половина хеликоптер, нови типови автоматски пушки и пиштоли (комбинација на челик и специјална пластика, отпорна на високи температури)....
Најимпресивен, секако, беше прототипот на војник од последната генерација. Со опрема на него што го прави неповредлив, поради новиот вид панцирна заштита на торзото, непропустлива за конвенционалното оружје, титаниумот околу вратот и особено на нозете и појасот (што овозможува и повреден да не падне на земја), со сензори на стапалата, што му даваат податоци за состојбата на теренот и особено со визирот на кацигата, што ги има сите параметри на ситуацијата околу него (како кај пилотите на суперсонични летала) и поврзаноста со автоматското вооружување в раце. Овој нов, реален, а не филмски Робокап,според заменик директорот на Центарот, има само една маана - неговата опрема тежи дури 27 килограми и затоа мора да ја носи грамада од човек.
Програмата за развојот на супервојникот се прави за потребите на руската војска, која се уште не одлучила дали ќе влезе во оваа развојна програма на универзитетскиот центар .Но, затоа е навлезена во други проекти.
Овој центар, исто така, го дизајнирал и изработил и факелот за олимпискиот оган за ЗОИ 2014 во Сочи, пиштолот од челик и специјална пластика со ласер под нишанот, автоматска пушка со сензори...
Најиздржливиот акумулатор во светот
Химки е град и регион во непосредна близина на Москва. Познат е во последните години по кошаркарскиот клуб што игра во Европската лига. Но, ова место сега станува познато и по компанијата ТEMP LCC (дел од групацијата Ренова), а е најголемиот партнер на универзитетот МИСИС во делот на развојот на електролити за суперакумулатори. Оваа млада старт ап компанија го произведува најиздржливиот акумулатор на светот, што може да придвижи камиони, возови, автобуси и други превозни средства при временски услови од - 60 до +85 степени, што значи од сибирски услови до пеколот на Сахара. Резулатите ги добиле благодарение на новиот карбонски материјал што го ставаат во акумулаторите, а ги прави најиздржливи и воедно сега најбарани на пазарот.
МИСИС, исто така, многу вложува и во Центарот за квантни и нано истражувања, во Лабораторијата за биомедицински, хемиски и наноматеријали и особено во новите ВР технологии.
Една од овие новини е Blockchain или новата филозофија за создавање дополнителна вредност, како што ја нарече нејзиниот промотор, Владимир Демин. Раководителот на „Комуна“, зграда од раните 30-ти години на минатиот век, создадена од Сталин за заедничко живеење на пролетаријатот, сега под истото име од пред осум децении е студентски дом, но и современ центар за собирање, селектирање и развивање на сите бизнис, ИТ, финансиски идеи на младите. Blockchain е идејата за ново преуредување на должничко-доверителските односи, на плаќањата во секојдневието, на трансферот на пари, што се темели на довербата меѓу учесниците, а не на улогата на банките како странка која задолжително добива. Оваа идеја бавно се пробива во руското општество токму заради отпорот на банките, но упорноста на луѓето како Демин, темата Blockchain веќе ја издигнале на ниво на расправа во руската Влада, каде веќе имала и поддржувачи меѓу дел од министрите.
Треба да знаете дека самото споменување на Blockchain во секоја трансакција, во секој договор, апликација или бизнис го прави договорот „потежок“, бидејќи се знае дека во него учествуваат луѓе кои си веруваат, ни објаснуваше Демин.
- Иднината на бизнисот е во Blockchain-от и довербата меѓу договорачите, дециден е Демин.
Сашко Димевски