Најдобриот кошаркар на Кливленд кавалирс, Леброн Џејмс, по пласманот во големото финале на НБА застана во одбрана на неговите соиграчи, откако медиумите фокусот за победата го насочија само кон него.
Кливленд во седмиот решавачки натпревар го совлада Бостон селтикс и со тоа четврта година по ред ќе има можност да се бори за титулата.
Неспорно индивидуално најзаслужен за победата беше Џејмс, кој играше 48 минути и постигна 35 поени, како и 15 скокови и девет асистенции.
- Мислам дека луѓето не сфаќаат дека секој успех во спортот е резултат на тимска работа, а не на поединецот. Знам дека го привлекувам најголемото внимание, без оглед дали победуваме или губиме, но успешни сме само благодарение на тимската игра. Тоа го разбрав уште од првиот момент кога почнав да играм кошарка, истакна Џемјс.
Поради многубројните критики за останатиот дел од тимот на Кливленд во текот на целиот плејоф, се појавија сомнежи дека Џејмс ќе успее со таков тим да стигне до ново финале.
- Постојат сомничави луѓе, кои веројатно никогаш не се бореле, ниту пак играле кошарка или нешто тимско. Тие се обидуваат да ги деградираат моите соиграчи и тоа не е фер кон нив. Секогаш сум бил искрен кон кошарката и таа кон мене. Поради тоа сме во финалето, како и затоа што моите соиграчи го одиграа својот дел од пеколот на натпреварот, нагласи Џејмс.
Кливленд во големото финале ќе се соочи со победникот од Западната конференција, односно со Хјустон рокитс или Голден стејт вориорс.