Еј-Би-Си ја откажа ТВ серијата „Розен“ на актерката Розен Бар, откако таа, коментирајќи на Твитер, ја навреди Валери Џерет - една од најблиските соработнички на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Актерка која е позната по своите контроверзни коментари напиша дека Џерет изгледа како да е потомок на Муслиманското братство и „Планетата на мајмуните“. Овој коментар беше оценет како расистички, имајќи предвид дека Џерет е полу-Афроамериканка.

- Изјавата на Розен е гнасна, одвратна и не е во согласност со нашите принципи. Затоа одлучивме да го прекинеме нејзиното шоу, изјави шефот на Еј-би-си Ентертејнмент, Ченинг Данги.

Бар инаку е и јавна поддржувачка на Доналд Трамп. Нејзиното шоу беше популарно во доцните 1980-ти и 1990-ите години, а неодамна беше обновено од страна на Еј-Би-Си, со голем дел од оригиналната постава на серијата, вклучително и комичарот и нејзин телевизиски сопруг Џон Гудман. Обновената серија имаше исклучително висок рејтинг, што претседателот Трамп го посочи како доказ дека во САД има огромна публика за телевизиски програми кои ги поддржуваат неговите политики.

- Не тагувајте по мене, пријатели! Јас само сакам да им се извинам на стотиците луѓе - прекрасни сценаристи (сите од нив се левичари) и на талентираните актери, кои се отпуштени од проектот поради мојата глупава објава, напиша Розен на Твитер, по што сепак продолжи да објавува коментари од луѓе кои ја бранат.

По контроверзната објава, и застапничката агенција на Розен ја прекина соработката со неа.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2018 23:57