Претседателот на САД, Џо Бајден го одобри буџетот за одбрана на САД за фискалната 2025 година кој е во износ од 895 милијарди долари - девет милијарди повеќе од лани, соопшти прес-службата на Белата куќа.

Во 2024 година буџетот изнесуваше 886,3 милијарди долари. Фискалната 2025 година ќе започне на 1 октомври.

Документот, кој е со обем од 1.800 страници, предвидува финансирање програми во областа на разузнавањето, иницијативи на Пентагон, како и проекти на Министерството за енергетика на САД. Претставничкиот дом го усвои законот на 11 декември додека Сенатот на 18 декември.

Документот исто така предвидува засилување на присуството на САД во индотихоокеанскиот регион, зголемување на платите на воените лица, изградба на седум нови воени бродови и зајакнување на одбранбената индустрија.

Текстот исто така го обврзува разузнавачкиот сектор да оцени какви ризици за безбедноста на САД би настанале во случај на прекин на испораките на оружје за Украина. Разузнавачките служби треба да подготват извештај за одбранбената способност на Украина во случај на промена на воената и економската поддршка од Вашингтон, како и тоа ако САД ја задржат или укинат одлуката за употреба на ракетните системи ATAКMС.

Според Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ), САД се на право место во светот по издвоени расходи за одбраната. Во 2022 земјата потрошила 916 милијарди долари за одбрана и воени потреби или 3.4 отсто од бруто домашниот производ. Во 2023 година оваа сума изнесувала 877 милијарди долари или 3.5 отсто од БДП.

Кина е на второ место во светот по воени расходи со 296 милијарди долари потрошени во 2023 година или 1.7 отсто од БДП. Во 2022 година оваа бројка изнесувала 292 милијарди или 1.7 отсто од БДП.

Русија е на трето место со 109 милијарди долари или 5.9 отсто од БДП. Во 2022 година таа потрошила 86,4 милијарди или 4.1 отсто од БДП.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2024 01:38