Американската тенисерка Серена Вилијамс се пласираше во осминафиналето на „Ролан Гарос“, каде ќе се соочи со Русинката Марија Шарапова.
Серена претходно без поголеми проблеми со 2:0 во сетови ја совлада германската тенисерка Јулија Гергес.
Натпреварот го следеше и поранешниот боксерски шампион Мајк Тајсон, за кого Серена рече дека е „голем шампион и дека сите присутни на натпреварот со Јулија Гергес се во извесна мера обожаватели на Тајсон“.
-Не се плашам од ниту еден противник на теренот. Марија и јас сме во слични фази од кариерата, во кои се враќаме по долги паузи. Мислам дека таа е фаворит во натпреварот, но ова ќе биде уште еден тест за мене. Немам никакви негативни чувства кон неа, но не ми се допаѓа што прочитав некои гласини во нејзината книга. Меѓутоа, за мене беше импресивно што имаше храброст пред јавноста да говори за допинг казната, истакна Серена.
Новинарите на прес-конференцијата пред се беа заинтересирани за нејзиниот став во однос на деловите од книгата на Марија Шарапова, каде наведува дека по финалето на Вимблдон во 2004 година, руската тенисерка ја чула Вилијамс како плаче во соблекувалната.
- Книгата е базирана на обични гласини и од она што го прочитав малку сум разочарана. Поради порази плачев многупати во соблекувалните и тоа е нормално. Многу пошокантно е да не бев во солзи по тоа финале на Вимблдон. Јас сум човечко суштество и тоа е сосема нормално, но она што ќе се случи во соблекувалната треба да остане меѓу тие четри ѕида, истакна американската тенисерка.
Марија Шарапова игра во најдобра форма по враќањето од суспензијата и без проблеми ја победи шестата тенисерка во светот, Каролина Плишкова, за пласман во осминафиналето.