Опозициската конзервативна Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша победи на вчерашните предвремени парламентарни избори во Словенија, јави ДПА.
Како што соопшти словенечката Државна изборна комисија, според резултатите по преброени „речиси сите гласачки ливчиња“, СДС освоила 25 отсто од гласовите, пред левоцентристичката партија Листа на Марјан Шарец (ЛМШ), за која гласале 12,7 проценти од избирачите.
На третото место е партијата Социјални демократи (СД) со 10 отсто освени гласови, а по неа следува Партијата на модерниот центар (СМЦ) на актуелниот словенечки премиер Миро Церар со 9,7 проценти од гласовите.
Одѕивот на вчерашното гласање бил околу 52 отсто, што е приближно исто колку и на претходните парламентарни избори.
Согласно вака освоените гласови, ниту една партија нема да обезбеди мнозинство во Парламентот, па се очекува да претстојат преговори за формирање владина коалиција, кои според шефот на државата Борут Пахор, ќе бидат „сложени“ и би можеле да траат и неколку месеци.