Кошаркарките на Бадел 1862 викендот ја одбранија титулата освоена ланската сезона во кадетската категорија откако во рамки на финалето од завршниот турнир во генерацијата М16 ги совладаа врсничките од Баскет Кам со 55-37.
Третото место им припадна на кошаркарките на Струга 2009 кои ги совладаа кошаркарките на Гостивар 2009.
Финалето од завршниот турнир се одигра во Македонска Каменица.
За најкорисен играч (МВП) на турнирот беше прогласена Теона Поп Стојанова од Бадел.
- Со овој натпревар заокруживме уште една успешна сезона во која останавме доминантни во домашните првенства со освоени две шампионски титули и тоа во сениорска и кадетска конкуренција, вицешампиони во јуниорска конкуренција и финалисти во Купот на Македонија. Покрај тоа имавме успешен настап и во регионалното меѓународно натпреварување за девојки под 17 години „WABA“, со пласман во четвртфиналето. Благодарност до градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и Одделението за спорт при општината за сесрдната логистичка и финансиска поддршка. Се надевам дека оваа соработка ќе се продлабочи во наредната натпреварувачка сезона, изјави Љупчо Павловски, тим менаџерот на ЖКК Бадел 1862.